СВЕТА СОФИЈА

СВЕТА СОФИЈА“ – катедрална црква на Охридската архиепископија. Подигната е врз остатоци од старохристијанска базилика (откопани во 1951). Архитектонската концепција на црквата е трикорабна ориентална базилика со трансепт и купола, од која се зачувани деловите на источните пандантифи и нартексот. Извесни траги во темелите на првобитната западна фасада укажуваат на можноста за постоење кула за камбанарија, додека траги од живописот над централниот дел на нартексот укажуваат на можноста за постоење калота. Времето Катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид (Ⅺ в.) на градбата на црквата во нејзината првобитна форма не може точно да се утврди. Има неколку претпоставки, според кои најверојатно е градена во времето на Самуил, а живописана во времето на охридскиот архиепископ Лав (1037–1056). Првобитната форма на црквата подоцна претрпела доста промени. Во 1313–1314 г. (во времето на архиепископот Глигориј) од западната страна бил дограден двокатен ексонартекс со отворен трем во приземјето и галерија на катот, со две кули со куполи од јужната и од северната страна. Можно е во ова време црквата да добила и трибини над страничните кораби, на што укажуваат отворите од горниот кат на нартексот. Големи промени на црквата се извршени во времето на турското владеење, кога куполата и сводовите над наосот, заедно со столбовите што го носеле, се заменети со нова конструкција. Од северната страна е изграден отворен трем и црквата била претворена во џамија. Во 50-тите години на ХХ в. се извршени обемни конзерваторски и реставраторски работи на архитектурата и живописот. Со сигурност е утврдено дека живописот на црквата во олтарот, наосот (со мали исклучоци) и приземјето на нартексот, потекнуваат од времето на охридскиот архиепископ Лав, којшто бил на че-ло на Охридската архиепископија од 1037 до 1056 г. На ова датирање укажува не само еден ракопис во Париската национална библиотека, каде што Лав се спомнува како ктитор на „Св. Софија“, туку и идентификацијата на патријархот Евстатиј, којшто починал во 1025 г. Ова датирање наоѓа потврда и во некои сцени и фигури во олтарот, коишто говорат дека живописот се изведувал во време на кризата на односите помеѓу источната и западната христијанска екумена, пред дефинитивната шизма (1054). Фреските се покриени со малтер при претворањето на црквата во џамија (втората половина на ⅩⅤ в.) и тие по 1950 г. се чистени со отстранување на наслагите од вар и малтер врз фреските. Во главниот олтарен прос-тор на црквата, во долната зона, е насликана најголемата галерија на архијереи и ѓакони што досега е откриена во источноправославната и византиската уметност (60 фигури). Претставени се водечките архијереи на патријаршиите (Цариград, Антиохија, Александрија, Ерусалим и Рим), но меѓу нив доминираат фигурите на цариградските патријарси. Во овој ансамбл се појавуваат и претставите на св. Кирил Солунски, св. Климент Охридски и фрагмент од „СВЕТА СОФИЈА“ С