СВЕТА БОГОРОДИЦА

СВЕТА БОГОРОДИЦА“ – манастирска црква над с. Матејче (Кумановско). Градена е од приделкан камен и од тули, а има облик на крстообразна црква со пет куполи. Олтарната апсида од надворешната страна е петострана и оживеана со декоративни ниши, изведени со тули. Во историските извори, кои се прилично скудни, Црквата „Св. Богородица“, с. Матејче (ⅩⅣ в.) се вели дека црквата почнала да се гради на постаро култно место, каде што порано се наоѓала црквата посветена на Богородица Црногорска, од страна на царот Душан. Во биографијата на царот Урош, патријархот Паисие раскажува дека тој почнал да ја гради црквата, но по неговата смрт таа останала недовршена, така што неговата жена Елена и синот Урош овозможиле да се заврши и да се живописа. Подоцна била запуштена и долго била во урнатини. Тогаш тешко настрадал фрескоживописот на нејзините ѕидови. Потемелна реставрација била извршена дури во 1934 г. И покрај оштетувањата, фрескоживописот покажува дека непознатите творци доаѓале од редот на талентираните и вешти сликари, кои не заостанувале зад познатите творци од овој период. Меѓу подобро зачуваните композиции спаѓаат сцените од животот на Христос и Богородица, Акатистот на Богородица, Чудата на Архангелот Михаил, Легендите за св. Јован Претеча и пустиножителот Антоние, старозаветните сцени Седумте вселенски собори, како и портретите на ктиторите – царот Душан, неговата жена Елена и синот Урош. ЛИТ.: В. Петкови¢, Преглед црквених споменика кроз повесницу српског народа, Београд, 1950; В. Ј. ™ури¢, Византијске фреске у Југославији, Београд, 1974; К. Балабанов – А. Николовски – Д. ќорнаков, Споменици на културата на Македонија, Скопје, 1980. К. Б.