СВЕТА БОГОРОДИЦА ПРЕЧИСТА

СВЕТА БОГОРОДИЦА ПРЕЧИСТА“ – манастирска црква во близина на с. Другово (Кичевско). Според еден запис во книга од манастирската библиотека, првобитната црква била изградена во 1316–1320 г. Манастирот се спомнува повеќепати во текот на ⅩⅣ в. Изгорел во 1558 г., а бил обновен во 1564 г., кога била изградена црква мала по димензии, чијшто фрескоживопис го насликал познатиот зограф јеромонах Онуфриј. Во 1843 г. манастирот повторно бил опожарен. Во 1848 г. на местото на манастирската црква (со средства што ги обезбедил чичкото на дебарскиот митрополит Козма, во времето на игуменот Хаџи Теодосиј) е изградена нова црква. Иконите за иконостасот на оваа црква ги изработил Дичо Зограф од с. Тресонче. Тој пресликал и неколку постари икони коишто му ги подарил на манастирот. ЛИТ.: М. Попови¢, Кичевска света Пречиста, „Прилози“; В. Петкови¢, Преглед црквених споменика кроз повесницу српског народа, Београд, 1950; К. Балабанов, Благо на путевима Југославије, Београд, 1983. К. Б.