СВЕТА БОГОРОДИЦА ЗАХУМСКА

СВЕТА БОГОРОДИЦА ЗАХУМСКА“ – манастирска црква на источниот брег на Охридското Езеро, позната под името Заум. Изградена е во времето на кесарот Гргур, брат на Вук Бранковиќ, во 1361 г. Во основата е решена како впишан крст со едно кубе издигнато на осмоаголен тамбур, кое се потпира на четири столба. Фасадите се богато украсени со тула и камен, карактеристично за ѕидањето на сакралните објекти во Македонија од ⅩⅤⅠⅠⅠ и ⅩⅣ век. Како што се дознава од ктиторскиот натпис во храмот, црквата е зографирана со донација на епископот деволски Григориј. Целокупниот фрескоживопис е изведен во 1361 г. и денес е само делумно зачуван. С“ уште се зачувани остатоци од фреските во куполата со фрагменти од фигурата на Исус Христос Пантократор (Седржител), под него се претставите на ангелските сили, а во тамбурот се претставени пророците. Подобро се зачувани претставите на четирите евангелисти во пандантифите. На горната зона заедно со површината на сводовите е претставен циклусот на Големите празници, а под нив се Христовите страдања. На западната страна од наосот е големата сцена на Успението на Богородица, покрај која се сцени поврзани за овој празник, а на северниот ѕид и Воведението на Богородица во храмот. Во олтарниот простор е литургиската служба на архијереите над која постои фриз од допојасја на други архијереи. Во протезисот е насликана Визијата на св. Петар Александриски. Во долната зона на наосот, на јужната страна, од особено значење се фигурите на св. Климент, св. Наум Охридски и претставите на Светите лекари, појава за која се смета дека има охридски тематски карактер. Би ги спомнале и фигурите на пустиножителите, а особено внимание привлекува и претставата на св. Ана Млекопитателка. Во светската наука с“ уште се проучува сликарството на западната фасадна страна, каде што е насликан Исус Христос како Цар над царевите со Богородица царица и св. Јован Крстител, а во долната зона се Светите Воини (св. Ѓорѓи и св. Димитрија) во благородничка облека, потоа на пиластрите апостолите Петар и Павле, а од двете страни на влезот се св. Зосима и Марија Египетска како ја причестува. Во 50-тите години на ⅩⅩ век се извршени конзерваторски и реставраторски работи на архитектурата и живописот. ЛИТ.: М. Злокови¢, Старе цркве у области Преспе и Охрида, „Старинар“, Ⅲ, Београд, 1925; –. Сп. Радојичи¢, Ко је подигао манастир Заум?, „Историски преглед“, 1, Београд, 1954; В. Ј. –ури¢, Византијске фреске у Југославији, Београд, 1974; Р. Љубинкови¢ – М. ´орови¢-Љубинкови¢, Средновековното сликарство во Охрид, Зборник на трудови, Охрид, 1961; А. Дероко, Монументална и декоративна архитектура у средновековној Србији, Београд, 1962; Цв. Грозданов, Охридско ѕидно сликарство ⅩⅣ век, Охрид, 1980, 103–120. Цв. Гр. – Кр. Т.