САВИЌ, Павле

САВИЌ, Павле (Солун, Турција, 10. И 1909 – Белград, Србија, 30. Ⅴ 1994) – физико-хемичар, ред. проф. (1945) на ПМФ во Белград, член на МАНУ надвор од работниот состав (1974). Дипломирал на ПМФ во Белград (1932). Во времето на специјализацијата во Институтот за радиум во Париз, во потрагата по трансуранови елементи со Ирен Кири експериментирале (1937) со бомбардирање на ураниумот со неутрони и први ја набљудувале појавата на фисија, без да дадат нејзино правилно толкување. Во НОБ учествувал од 1941 г. и бил шифрант во Врховниот штаб. По војната кратко работел на физиката на ниски температури во Москва (со Капица). Тој е организатор на Институтот за нуклеарни науки во Винча, покрај Белград, и негов директор (1960–66). Бил член на Српската академија на науките и уметностите (1946) и нејзин претседател (1971–80). В. Ур.