РУСАЛИИ

РУСАЛИИ – народен обичај и обредни игри што се изведуваат во времето на Некрстените денови од Божик до Водици. Најдолго се одржале во јужна Македонија, од Гевгелско до Солунско. Според верувањето, во овие 12 дена, наречени уште и Погани денови, но и Ристосови денови, активни се демоните, поради што народот изведувал разни магиски дејствија за заштита, вклучително и русалиски обреди и игри. Најпознати русалиски ора се: „Караџова“, „Злата“, „Петровска“, „Тодоре биро капидан“, „Кавадар аваси“, „Капетан аваси“ и др. Русалиските дружини најпрвин оделе в црква, каде што земале причесна и благослов од свештеникот. Пред црквата одигрувале три ора, по што тргнувале на дванаесетдневно патување. Дванаесет дена играле и пееле и собирале подароци што ги дарувале за добротворни цели – изградба на црква, училиште, чешма, мост и сл. Се верувало дека тие ги бркаат демоните и болестите, па затоа со задоволство биле примани во секое село и во секој дом, особено таму каде што имало болен. По дванаесетте дена пак оделе в црква. Се верувало дека ако тоа не го направат, ќе полудат. Ако се сретнеле две дружини русалии, редовно доаѓало до тепачки, некогаш со смртни последици, а жртвите биле погребувани на местото на загинувањето. Тоа го потврдуваат и многуте топоними Русалиски Гробишта. ЛИТ.: Кузман шапкарев, Русалии, древен и тврде интересен бљлгарски оби=ај запазен и днес в Ѓжна Македониџ, Пловдив 1884; Љубица и Даница Јанковиќ, Народне игре, Ⅳ, Београд, 1948, 132; Вера Кличкова, Русалиски обичаи во Гевгелиско, „Македонски фолклор“, Ⅱ, 3–4, Скопје, 1969, 377 М. Кит.