РИСТОВ, Милчо

РИСТОВ, Милчо (Радовиш, 5. Ⅺ 1931 – Скопје, 7. Ⅷ 2005) – физичар, ред. проф. на ПМФ (1975), член на МАНУ (1983). Дипломирал (1956) на Филозофскиот факултет на Групата за физика, магистрирал (1962) на универзитетот во Манчестер. Докторирал на ПМФ (1970) со студија на нискофреквентната волтамперна карактеристика на плазмата во високофреквентно поле. На ПМФ работел од 1956 г., првин како асистент, а потоа како наставник, главно за предметите Електроника и Апарати и инструменти во лабораторија. За експерименталните вежби подготвил соодветни практикуми, а неговиот учебник „Електроника“ е преиздаван неколку пати. Работел на теми од повеќе области: физика на нискотемпературната плазма, фазни дијаграми на легурите, експериментални методи, полуспроводници и тенки филмови, електрохромизам. Од околу 100 објавени научни публикации, најголемиот дел се поврзани со подготовката и изучувањето на својствата на тен-ките филмови во врска со фотоволтаичната конверзија на сончевото зрачење и поголемиот дел од нив се објавени во странство. Раководел со околу 20 научни проекти и со изработката на повеќе магистерски и докторски дисертации. Поттикнал и реализирал повеќе конкретни примени на физиката во градежништвото и медицината. Речиси до крајот на животот работел во својата лабораторија. ЛИТ.: Природно-математички факултетСкопје 1946–1996, Скопје, 1996, стр. 169; 60 години Природно-математички факултетСкопје, Скопје, 2006, стр. 161. В. Ур.