РЕЏЕПИ, Јусуф Р

РЕЏЕПИ, Јусуф Р. (Тетово, 1923 – Тетово, 2004) – лекар, унив. професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Приштина. Завршил втори клас во Тетовската реална гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ (1940). На 17-годишна возраст (летото на 1941), бил вклучен во ОВРА (Контраразузнавачка служба на Италија) и во есента во Приштина ги завршил и преостанатите два класа од гимназијата, а потоа бил испратен на тримесечен разузнавачки курс на ОВРА во Падова (Италија). Завршил и курс во Римскиот отсек на ОВРА (1942). Притоа му било овозможено да се запише и на прва година студии на Медицинскиот факултет во Падова. Наскоро се вратил во Тетово (1943) и му пристапил на Самостојниот баталјон „Алтоном Љуботени“ од Тетово како подофицер, по три месеци бил унапреден во потпоручник и поручник на известителната служба на Албанија (1944), вработен во квестатурата во Тетово за борба против комунистите. По Ослободувањето заминал на студии на Медицинскиот факултет на Белградскиот универзитет и по дипломирањето (1952) се вработил како лекар во Тетово. Тетовските албански политички структури го кандидирале и бил избран за пратеник во Собранието на СРМ (1968–1971). Го добил и чинот резервен поручник на ЈНА (1975). Докторирал на Медицинскиот факултет во Приштина на тема „Епидемиолошке студије о факторима ризика коронарне болести у индустријских радника САП Косова“ (1977). Бил шеф на Катедрата за интерни заболувања на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Приштина (од 1981), а подоцна лекар по општа практика во Медицинскиот центар во Тетово (1986). По предлог на Општинската конференција на СРВС на Приштина, Општинскиот секретаријат за народна одбрана во Приштина покренал постапка против него за изведување пред Судот на честа (24. Ⅲ 1987). Неговиот избор за член на РК на ССРНМ предизвикал силна реакција во јавноста и во печатот (1987). ЛИТ.: Квислиншко минато на д-р Реџепи, „Вечер“, ЏЏВ, 7463, Скопје, 24. Ⅶ 1987, 3. С. Мл. Есма Реџепова