РЕПУБЛИЧКА КОМИСИЈА ЗА ИСТОРИЈА НА ФИЗИЧКАТА КУЛТУРА НА МАКЕДОНИЈА

РЕПУБЛИЧКА КОМИСИЈА ЗА ИСТОРИЈА НА ФИЗИЧКАТА КУЛТУРА НА МАКЕДОНИЈА. Основана е со решение на надлежниот државен орган во состав од 11 члена и претседателот Михајло Апостолски (1967–1971 и 1975–1978). На оваа проблематика професионално работел Душан Станимировиќ (1969–1984). Комисијата придонесла за регулирање на оваа област во соодветните закони и подзаконските акти во дејностите на архивистиката, музеологијата и библиографијата и отворањето на посебно одделение во Музејот на Македонија. Биле ангажирани соработници за изработка на енциклопедиските единици за „Енциклопедија на физичката култура“ во издание на Југословенскиот лексикографски завод во Загреб (1975 и 1977), потоа за истражувања и подготвување стручни и научни прилози и за учество на научни собири во организација на Сојузната комисија за историја на физичката култура. Биле издадени четири броја на специјализираното списание, а била воспоставена и меѓународна соработка. Д. С.