РАЗВОЈОТ НА ОСИГУРУВАЊЕТО ВО РМ

РАЗВОЈОТ НА ОСИГУРУВАЊЕТО ВО РМ. По завршувањето на Втората светска војна имотот на осигурителните друштва од предвоена Југославија беше трансформиран во народен, односно државен имот. Осигурителните друштва што беа конфискувани се спојуваат во Државниот завод за осигурување и реосигурување. Развојот на социјалистичкото осигурување и реосигурување до распадот на СФРЈ помина низ три фази: административно-централистичко осигурување, децентрализирано осигурување и приспособување на осигурувањето според уставните измени. По осамостојувањето на Република Македонијае донесен Законот за основите на системот за осигурување на имоти и лица, со што се создадоа услови за трансформација на институциите за осигурување во пазарно-финансиски институции во форма на акционерски друштва. Осигурувањето на имоти и лица е доброволно, освен задолжителното осигурување на патниците во јавниот превоз и на корисниците, односно сопствениците на моторни возила и воздухопловите од одговорност за штети причинети кон трети лица. Подоцна, со донесувањето на Законот за осигурување на имоти и лица и на Законот за супервизија на осигурувањето, целосно се регулирани прашањата од областа на осигурувањето и реосигурувањето, односно во сите сегменти од процесот на осигурувањето се инкорпорирани европските осигурителни и сметководствени стандарди и актурските начела. Друштва за осигурување можат да основаат домашни правни и физички лица. Цензусот на гарантниот фонд за основање друштво за осигурување имоти и лица за поодделни класи за неживотно осигурување, животно осигурување и за реосигурување изнесува: за работи од осигурувањето во рамките на класите на неживотното осигурување е од 500.000 до 2.500.000 евра; за покривање на ризиците за животно осигурување гарантниот фонд треба да биде поголем од 750.000 евра, а за вршење работи за реосигурување не смее да биде помал од 1.500.000 евра. ИЗВ.: Закон за супервизија на осигурувањето. ЛИТ.: Драге Јанев и Александар Николовски, Осигурување со елементи на актуарска анализа, Скопје, 2002. Др. Ј.