РАЕЦ

РАЕЦ – предел во Средно Повардарје на РМ. Го зафаќа сливот на реката Раец, лева притока на Црна Река. Во времето на турското вадеење овој крај се викал Дере Кол (речна жупа), а неговото управно средиште било во с. Фариш. Теренот е составен од неогени езерски седименти што се покриени со слатководен варовник. Низ тие седименти, реката Раец ја изградила својата долина со речиси вертикални страни, и кај с. Фариш пробила епигенетска клисура долга околу 400 м. Преку Р. води магистралниот пат М–5 што го поврзува на исток со долината на Вардар и на запад со Пелагонија. Има 15 мали села, од збиен тип, населени со Македонци. Речиси сите се во фаза на раселување. Селото Г. Радобил, на пр., во 1961 г. имало 430 ж., а во 2002 г. тој број се намалува на 107 ж. УШТЕ помаркантен е случајот со с. Никодин, кое имало 437 ж., а денеска во него живеат само 7 ж. Населението се занимава со сточарство и овоштарство. Ал. Ст.