ПРОКОПИЕВ, Трајко

ПРОКОПИЕВ, Трајко (Куманово, 6. Ⅺ 1909 – Белград, 21. И 1979)
– композитор и диригент. Еден од петтемината основоположници на современиот музички живот во РМ, на творечки и на организационен план. Музика учи на Белградската музичка школа, во класата на М. Милоевиќ. Како студент учествува во музичките настани во Белград, станува асистент на Милоевиќ во Белградското пеачко друштво и член на Колегиум музикум на Белградскиот универзитет. По дипломирањето, во Скопје работи со Пеачкото друштво „Мокрањац“, а во истоименото музичко училиште како наставник по виолина (1934). Член е и на тогаш формираниот Скопски гудачки квартет. Во двегодишниот престој во Лесковац (1935-1937) го води Друштвото „Бранко“. Потоа, повторно е наставник во Скопје и до почетокот на НОБ (1941) диригент на Хорското друштво „Слога“ и наставник по музика на Богословијата во Сараево.
По војната, П. се зафаќа со многустрана творечка дејност. Непосредно по Ослободувањето го формира хорот при Главниот штаб на НОВ на Македонија. Назначен е за прв директор на Средното музичко училиште во Скопје (декември 1944). Учесник е и во формирањето на сите професионални тела и институции, диригент и советник на повеќе аматерски хорски друштва, диригент на Оркестарот во Радио Скопје и на Оперскиот оркестар, а потоа и на Симфонискиот оркестар на Филхармонијата. Во Прага студира диригирање кај
П. Дједечек (1946/47). Од 1958 до 1964 г. е директор на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“. Творечкиот опус на П. е мошне богат и разновиден. На преден план доаѓаат неговите хорски дела, во кои се открива како мајстор на вокалната лирика. Централно место во неговото хорско творештво зазема циклусот „Кумановки“

шест композиции што се вбројуваат меѓу најубавите страници во хорската музика на македонските автори. Во зрелиот творечки период авторот се зафаќа со неколку крупни вокално-инструментални дела: балетот „Лабин и Дојрана“ и оперите „Разделба“, според драмата „Печалбари“ од А. Панов, и „Кузман Капидан“, според истоименото дело од В. Иљоски, инспирирано од поемата „Сердарот“ од Гр. Прличев. Др. О.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *