ПРКЕВ-СЕРМЕН, Ванчо Христов

ПРКЕВ-СЕРМЕН, Ванчо Христов (с. Серменин, Гевгелиско, 1921 – над с. Градец, Кочанско, 21. Ⅴ 1943) – национален и комунистички деец, народен херој. Во Штип завршил гимназија, а потоа студирал на Техничкиот факултет во Белград (од 1939), каде што станал член на КПЈ (1941). Напоредно со студиите, за ИП „Нолит“ преведувал руска литература. Пред фашистичката окупација се вратил во Македонија и бил еден од организаторите на НОБ во Штипско. Како член на Обласниот комитет на КПМ (1943) извесно време престојувал во Битола и Битолско и бил политички комесар на Битолскопреспанскиот НОПО. Потоа пак се вратил во Штип (април 1943) и станал политички комесар на новоформираниот Плачковички НОПО. Одредот бил опколен и тој загинал во борба со бугарската војска и полиција. Прогласен е за народен херој на Југославија (2. Ⅷ 1949). ИЗВ.: М(ара) Минанева, Последно видување. Спомени за народниот херој Ванчо Прке-Сермен, „Просветена жена“, Скопје, јули-август 1960, 2-3; Фируз Демир, Сеќавање за Ванчо Прке и Славчо Стојменски, „Дело 74“, Ⅷ, 3, Штип, 1981, 3-16; Трајче Грујоски, Спомени за Ванчо Прке-Сермен, (август 1942 – 1 април 1943), Битолските народноослободителни партизански одреди, Битола, 1982, 316-320; Димче Милевски-Добри, Сеќавање за Сермен, на истото место, 321-325. ЛИТ.: Д-р Миле Тодоровски, Скица за биографијата на Ванчо Прке – Сермен, „Историја“, В, 1, Скопје, 1969, 196-201; Ви-дое Подгорец, Прке Христо Ванчо-Сермен (1921-1943), Народни херои од Македонија, Скопје, 1973, 324-329; Благоја Цветкоски, Учеството на Ванчо Прке во битолските партизански одреди, Битола и Битолско во НОВ 1941 и 1942, кн. втора, Битола, 1978, 191-212; Киро Зенделски, Ванчо Пркев-Сермен, „Дело 74“, ⅩⅣ, 6, Штип, 1987, 489-508; Виолета Карагунова, Ванчо Пркев-Сермен, Штип, 1989. С. Мл.