ПРИЛЕПСКИ ПОДВИЖЕН КОНГРЕС НА ТМОРО

ПРИЛЕПСКИ ПОДВИЖЕН КОНГРЕС НА ТМОРО (крајот на мај и првата половина на јуни 1904) – конгрес на Битолскиот револуционерен округ, под претседателство на Дамјан Груев. Одржувањето на Конгресот се наметнало од потребата за консолидирање на Револуционерната организација по Илинденското востание, во околности кога запрела работата на Централниот комитет. Главни прашања за кои расправал Конгресот биле: реорганизацијата и демократизацијата на Организацијата, актите (проект-правилниците) и прашањето за односот кон странските пропаганди. ЛИТ.: Љубен Лапе, Проект-правилниците донесени на Прилепскиот конгрес 1904 година и дополнителните белешки на Ѓорче Петров, „Гласник“ на ИНИ, 1, Скопје, 1973; Димитар Димески, Прилепскиот подвижен конгрес на Вториот округ на ВМРО (1904 г.), „Историја“, Скопје, 1991. М. Мин.