ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО

ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО – тектонско езеро во југозападниот дел на РМ. Сместено е меѓу западните ограноци на планината Баба на исток и источните ограноци на планината Галичица на запад и Сува Гора и Гладно Поле на југ и југозапад. Настанато е по тектонски пат, со спуштање на котлинското дно долж раседни структури, со правци на протегање север-југ. Најголемата должина во правец север-југ е 28,6 км, а најголемата широчина е 16,9 км. Езерото се наоѓа на а.н.в. од 853 м, зафаќа површина од 274 км 2, од кои 176,8 км 2 или 64,5 % $ припаѓаат на Македонија, 49,4 км 2 или 18,1 % на Албанија, а 47,8 км 2 или 17,4 % на Грција. Најголемата длабочина на езерото изнесува 54,2 м и таа се наоѓа кај месноста Голубина, додека просечната длабочина изнесува 18,76 м. Во езерскиот басен вкупно се акумулирани 4,775 км 3 вода. Со вода се полни од врнежите што се излачуваат директно над езерската површина, од водата што се кондензира директно над езерската површина, од подземните води, од површинските притоки, како што се: Брајчинска Река, Кранска Река, реката шара од источната и Голема Река од северната страна. Преспанското Езеро нема површински истек. Меѓутоа, тоа најголем дел од водата губи преку подземно истекување преку понорот Завир или Врандупка, под варовничката планина Галичица и со испарување. Овие води се јавуваат кај карстните извори „Свети Наум“, Тушемиште и други. Највисок средномесечен водостој на езерското ниво се јавува во јуни, а најнизок во ноември. Годишното колебање на езерското ниво е прилично големо, а повеќегодишното има достигнато вредност од 846 цм. Највисоки средномесечни температури на површинскиот слој на водата се јавуваат во август (21,6°Ц), а најниска во февруари (4,8°Ц), додека средногодишната вредност е 12,9°Ц, апсолутно максималната температура достигнува до 29,0°Ц, а апсолутно минималната до 0,3°Ц. При екстремно ниски температури на воздухот крајбрежниот дел од езерото понекогаш замрзнува. Водата е со сино-зеленикава нијанса, со најголема проѕирност во февруари од 10 м.
ЛИТ.: Александар Стојмилов, Физичка географија на Република Македонија, ПМФ, Скопје, 2002. Др. В.

Преспанско-пелагониската православна епархија на МПЦ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *