ПОЈАВУВАЊЕТО И РАСТЕЖОТ НА ИНДУСТРИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА

ПОЈАВУВАЊЕТО И РАСТЕЖОТ НА ИНДУСТРИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА – збогатување на стопанската структура со индустриски претпријатија, оформување и развој на индустријата како посебна дејност. Индустријата претставува стопанска дејност (сектор) што во период подолг од 200 години го зазема приоритетното место во економијата. Пои-мот има латинско потекло и се користи за да се означи преработката на суровините од материјално, растително и животинско потекло, т.е. фабричкото производство. Во поново време добива пошироко значење и со него се оз-начуваат сите дејности (вклучително и услугите, па се зборува, на пр., и за банкарска индустрија). Затоа, денес, под индустрија во потесна смисла на зборот се подразбира само преработувачката индустрија (мануфацтуринг). Во периодот пред Втората светска војна, на територијата на денешна Македонија речиси и не постоела индустрија во вистинската смисла на зборот. Всушност, се работело за мануфактурно производство и за поголеми занаетчиски работилници. Сепак, од 1920 г., со српски, хрватски, чешки, а подоцна и со домашен капитал, започнуваат да се основаат одделни индустриски претпријатија. Така се јавува зачетокот на мелничката индустрија, индустријата за масло, индустријата за пиво, индустријата за тестени производи, текстилната индустрија, индустријата за кожи итн. За поинтензивен индустриски развој може да се зборува дури по Втората светска војна, кога покрај прехранбената и текстилната индустрија, постепено се јавуваат металопреработувачката, машинската, хемиската, електроиндустријата и други индустриски гранки. Во тој период развојот на стопанството се поистоветуваше со развојот на индустријата, а социјалистичкиот модел на индустријализација се карактеризираше со форсирана индустријализација (развој на индустријата по секоја цена, дури и повеќе од тоа што го дозволуваа објективните услови). Особено се форсираше тешката индустрија, а се запоставуваше развојот на лесната индустрија. Сепак, за разлика од другите социјалистички земји, веќе кон средината на 1950тите години, во Македонија (како дел од тогашна Југославија), се напушти ваквата ориентација и се прифати моделот на балансиран, т.е. урамнотежен развој. Но, и покрај тоа, најголемиот дел од инвестициите и понатаму се вложуваа во индустријата, со што се запоставуваше развојот на другите дејности, пред с¢ на земјоделството. Форсираната индустријализација дојде до израз во текот на 1950-тите и во средината на 1960тите години. Постигнатиот брз индустриски развој во овој период се огледа во порастот на индустриското производство со годишни стапки помеѓу 10-14%, како и во зголемениот број индустриски капацитети и вработени. Кон средината на 1960-тите години, индустријата покажува поумерен пораст со годишна стапка од околу 8%. Тоа е период кога се динамизира развојот и на другите дејности. Вниманието на носителите на економската/индустриската политика полека се свртува кон модернизација на индустриските капацитети и растот на продуктивноста, наспроти дотогашното квантитативно ширење на индустријата. Слично темпо на растеж индустријата покажува и во текот на седмата деценија од минатиот век (кога стапките на раст се задржуваат на околу 8%). Ваквиот тренд се задржува до почетокот на 1980-тите, кога, како последица на кризата на стагфлација, стапките на пораст се намалуваат на половина, а од средината на 1980-тите дополнително опаѓаат на 1-2% на годишно ниво. Почетокот на транзицијата македонската индустрија го дочека со дополнително намалување на претходната динамика. Во првата половина на 1990-тите години, доаѓа до стагнација, а потоа и до опаѓање на производството со негативни годишни стапки на раст и до –15%. Од средината на таа деценија започнуваат да се забележуваат позитивни стапки на раст, но поради безбедносната криза од 2001 г., во текот на 2001 и 2002 г. дојде до повторен пад на индустриското производство. Надминувањето на таквата состојба се одвива постепено. Сумарно, како резултат на брзата динамика на порастот (со просечна годишна стапка од околу 7%), индустриското производство за период од 40-тина години (од почетокот на 1950-тите до почетокот на 1990тите), се зголеми за околу 20 па-ти. Консеквентно, од изразито заостанато аграрно подрачје Македонија прерасна во индустрискоаграрна земја. Темпото на порастот на индустриското производство Период Стапка на годишен пораст (%) 1953–1956 13,7 1957–1960 10,8 1961–1965 14,0 1966–1970 8,2 1971–1975 8,3 1976–1980 8,5 1981–1985 3,9 1986–1990 1,5 1991–1995 –13,0 1996 4,5 1997 2,9 1998 4,5 1999 -2,5 2000 5,0 2001 -3,1 2002 -5,3 2003 4,7 2004 -2,1 ИЗВ.: Државен завод за статистика, Статистички годишници на Република Македонија за соодветни години. ЛИТ.: Тодор Мировски, Стопанството на Вардарска Македонија меѓу двете светски војни, МАНУ, Скопје, 1998; Републички завод за статистика, Развој на СР Македонија 1945–1984, Скопје, 1986. П. Н. Појас