ПОП-ЈОРДАНОВ, Јордан

ПОП-ЈОРДАНОВ, Јордан (Велико Градиште, Југославија, 23. Ⅺ 1925) – унив. професор, нуклеЈордан Поп-Јорданов арен физичар, филозоф, енергетичар, академик на МАНУ. Гимназија завршил во Штип. Дипломирал филозофија во Скопје (1956) и електротехника во Бел-град (1960). Докторирал на Отсекот за техничка физика на ЕТФ во Белград (1964). Бил визитинг професор на неколку универзитети во Европа и Америка. Истражувал во повеќе области: физика на неутрони и реакторска физика, енергетика и обновливи извори, фотоволтаичен ефект, расејување на честички, состојба на природната околина и климатските промени, организација на науката, когнитивните процеси од филозофски и феноменолошки аспект, здравствени ризици од електроцентрали, моделирање на процесите на мозочните клетки и др. Главните научни придонеси се однесуваат на нуклеарна техника („метод на Поп-Јорданов“ во реакторска неутроника); електроенергетика (мултидимензионална интерпретација на околински ризици); одржлив развој (негентропски концепт и ментални индикатори); невронаука (квантни ментални спектри) и филозофија на природните науки (интерпретација на микрочестичен дуализам). Бил претседател на Научниот совет на Институтот за нуклеарни науки во Винча (1969–1970) во време кога тој институт беше најафирмиран научен центар во Југоисточна Европа, како и декан на Електротехничкиот факултет во Белград (1977–1979). За дописен член на МАНУ е избран на Првото редовно изборно собрание 1969, а за редовен член во 1974 г. Во два мандата бил претседател на МАНУ (1984–1991). Од 1993 раководи со Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали при МАНУ, кој се разви во меѓународно афирмиран „центар на одличност“. Реализирал голем број проекти, од кои преку дваесет имале меѓународен карактер. На редовни и постдипломски студии на Електротехничкиот факултет во Бел-град држел настава по атомска и статистичка физика, енергетска микрофизика и квантна електродинамика. На истиот факултет основал и постдипломска насока за сончева енергија, прва во Југославија од оваа проблематика. Предавал и на постдипломски студии на Природно-математичкиот и Филозофскиот факултет и во Центарот за мултидисциплинарни студии на Белградскиот универзитет, како и на Електротехничкиот факултет во Скопје. Автор е на универзитетските учебници „Нерамнотежна статистичка физика“ (1981) и „Квантна електродинамика“ (1983), како и на неколку книги во земјата и во странство. Објавил околу триста научни труда, од кои две третини во меѓународни списанија и монографии. Неговите резултати се користени во многу странски статии, монографии и докторски дисертации. Учествувал на меѓународни научни собири во дваесетина земји на Европа, Америка и Азија, најчесто како поканет експерт. Бил рецензент на меѓународни научни списанија и референт за избор на професори на универзитети во Европа и Америка. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: Годишна награда на Институтот за нуклеарни науки во Винча „за индивидуално научно остварување“ (1964), Јубилејна награда на Институтот во Винча „за развој на научна област“ (1968), награда на ВРЕН-УНЕСКО за најдобар труд на Светскиот конгрес по обновлива енергија во Денвер (1996), награда на Светската иновациона фондација „За извонреден придонес за науката и човештвото“ (2003), и др. Член е на пет странски академии на науки (Светската, Европската, Интернационалната, Медитеранската и Њујоршката), како и почесен член на Светската иновациона фондација. Како учесник на НОБ во Македонија носител е на Партизанска споменица 1941. Бил и прв првак на Македонија во тенис (1950). ЛИТ.: Прво редовно изборно собрание. Реферати и прилози, 25 ⅩⅠⅠ 1969 г., 77–88. Т. Б.