ПОППЕТРОВ, Сребрен

ПОППЕТРОВ, Сребрен (с. Врбени, Леринско, 18. Ⅹ 1869 – Софија, 17. Ⅺ 1950) – учител и училиштен инспектор, припадник на Македонската револуционерна организација. Завршил гимназија во Солун и словенска филологија на Софискиот универзитет. Во времето на бугарската окупација во Првата светска војна бил окружен управник во Битола и Куманово, по војната во Петрич. Во 1922 г. од ВМРО и Македонскиот национален комитет бил пратен во САД и Канада, каде што организирал иселенички друштва и учествувал во формирањето на МПО. Бил пратеник во бугарското Народно собрание. ЛИТ.: Зоран Тодоровски, Демографската и етничката состојба на населението во источните области на Албанија во 30-тите години на ⅩⅩ век (според статистичките податоци на Сребрен Поп Петров), „Гласник“ на ИНИ, 1, Скопје, 1998. З. Тод.