ПОПОСКИ, Киро Сотиров

ПОПОСКИ, Киро Сотиров (с. Мало Коњари, Прилепско, 14. Ⅹ 1936) – психолог, методичар. Завршил учителска школа во Битола (1953) и Филозофски факултет (психологија) во Белград (1965). Магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград (1974). Целиот работен век го минува во образованието: учител, советник, односно директор на Педагошкиот завод на Македонија. Бил заменик-претседател на Републичкиот комитет за образование и физичка култура (1982– 1986). Како хонорарен предавач ја изведувал наставата (1978– 1989) по психометрија и методика на наставата по психологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Негов стручно-научен интерес се психолошките аспекти на наставата и на образованието. БИБ.: Знаењето и неговото усвојување, 1992; Психолошки основи на современата настава, 1997; Успешен наставник, 1998; Речник на термините од областа на оценувањето и на постигањата на учениците, 2002; Училишна докимологија, 2005 и др. К. Камб. Миле Попоски