ПОПОВ, Антон

ПОПОВ, Антон (с. Игуменец, Петричко, Пиринска Македонија,
23. Ⅶ 1915 – Софија, 20. Ⅹ 1942) – поет, раскажувач, новинар, национален деец. Завршил гимназиско образование во Неврокоп (1933) и неколку години учителствувал во родниот крај. Во 1936 г. се запишал во Државното високо училиште за финансии и административни науки во Софија. Работел како професионален новинар. Еден од истакнатите активисти на националното и на антифашистичкото движење. Член на Публицистичкиот кружок „Нација и култура“ во Софија. Основоположник и член на раководното јадро на Македонскиот литературен кружок (1938–1941). Љубовта кон татковината Македонија, нејзината историја и традиција, нејзината слобода и иднина се голема тема во севкупното негово книжевно и публицистичко дело. Низ сопствениот патриотски подвиг покажува како се сака и се брани татковината. Заедно со Н. Вапцаров е уапсен и осуден на смрт. Во писмото пред стрелањето запишал: „Умирам за еден нов свет, којшто ќе огрее со толку светлина, со толку убавина, така што мојата жртва за него не е ништо. Умирам горд со името на татка си. Умирам горд со името на својот народ, за чиешто добро работев до последен миг, за чи-јашто добра иднина умирам“, пишува во последното писмо во Гарнизонското стрелбиште. Како публицист е меѓу првите кои најдлабоко го проследија и афирмираа конституирањето на македонската национална мисла. Останаа неговите стихови, раскази и репортажи, издадени посмртно.
ДЕЛА: Одбрани творби, Ск., 1985; Избрани стихови, Ск., 1991; Творби, Ск., 1994 и Дневник, Ск., 1998.
ЛИТ.: Гане Тодоровски, Поглавја од македонската литература, Ск., 1985; Блаже Ристовски, Портрети и процеси, кн. 2, Ск., 1989; Васил Тоциновски, Возбуда по зборот, Ск., 2000. В. Тоц.

Благој
Попов

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *