ПОПОВСКИ, Кирил

ПОПОВСКИ, Кирил (с. Владимирово, Беровско, 1943) – редовен професор на Техничкиот факултет во Битола. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Машинскиот факултет на Универзитетот во Љубљана (Словенија). Посебен придонес дал во развојот на нискотемпературните грејни инсталации во оранжериите и директна примена на геотермалната енергија. Автор е на повеќе од 20 книги и околу 300 научни публикации, објавени или презентирани низ целиот свет. Основач и претседател е на Заедницата на топлани на Југославија, на Заедницата на оранжериски производители на Македонија и Југославија, на Македонската геотермална асоцијација (МАГА) и на Меѓународната летна школа за директна апликација на геотермалната енергија (ИСС). Бил еден од основачите, член на Бордот на директори, претседател на европската гранка и претседател на Комитетот за образование на ИГА. Претседател на групата за геотермална енергија на УНЕСКО РОСТЕ. Експерт на ФАО и УНЕСКО. Бил учесник на четириесетина меѓународни и национални научни проекти во Македонија, Бугарија, Грција, Италија, Португалија, Турција. Организирал педесетина национални и меѓународни собири. Водел или учествувал во изградбата на педесетина демонстрациони проекти и индустриски капацитети во: Македонија, Италија, Португалија, Турција и др. Почесен професор на Универзитетот во Орадеа (Романија) и визитинг професор на повеќе универзитети во светот. Гл. К. Киро Поповски