ПОПИВАНОВ, Стефан Македонович

ПОПИВАНОВ, Стефан Македонович (Кочани или Велес, 17. Ⅶ 1875 – СССР, 1932) – гимназијален учител и комунистички деец, татко на Малина и Цеко Попиванови. Поради учеството во атентатот над бугарскиот министер за просвета во Софија, целото семејство му било уапсено (1918). Бил член на БКП. Од политички причини се преселил во Белград (1920), а потоа во Скопје станал секретар на ПК на КПЈ за Македонија (1922). Истовремено неговата ќерка Малина била член на МК на КПЈ во Скопје, а синот Цеко секретар на СКОЈ. По повторното апсење (1924), бил делегат на Ⅴ конгрес на КИ (1924). Подоцна бил повикан во СССР (1929). Извесно време со руски брод престојувал на Балтичкото Море (1931/32). Бил уапсен и осуден во Сталиновите чистки. Посмртно е рехабилитиран (28. Х 1963). ЛИТ.: Димче и Тодор Зографски, КПЈ и ВМРО (Обединета), ИНИ, Скопје, 1974; Бане Чадиковски, Револуционерниот пат на Стефан Попиванов, „Гласник“на ИНИ, бр. 3, Скопје, 1980; Кузман Георгиевски, Еден светол лик, Сеќавања на современиците за Малина Попиванова, „Гоцеви денови – Песна за Гоце“, Ⅶ, 7, Скопје, 7. Ⅱ 1981, 20-21; Кузман Георгиевски – Саша Маркус, Македонската револуционерка Малина Попиванова, Скопје, 1985. С. Мл. Цеко Стефанов Попиванов ПОПИВАНОВ, Цеко Стефанов/Стефановиќ (Кочани, 27. Ⅸ 1907 – Скопје, 20. Ⅸ 1944) – македонски книжевно-културен и општествено-политички деец, поет, прозаист и драмски автор, новинар и публицист. Син на македонскиот комунистички водач Стефан Попиванов (подоцна ликвидиран во СССР) и брат на младинската комунистичка активистка и сибирска заточеничка Малина Попиванова. Како ученик во Скопје Цеко влегува во раководството на скоевска група (1922), член и потоа секретар е на Обласниот комитет на СКОЈ (1924), од следната година станува и политички секретар на СКОЈ за Македонија и делегат на Ⅱ конгрес на СКОЈ во Виена, како и претседател на Месниот синдикален совет во Скопје. Постојано е во фокусот на работничкото и националното движење во Македонија. По ликвидацијата на татко му и интернацијата на сестра му во СССР, настанува пресврт и во неговиот живот. Уапсен во Скопје и затворен во Белград (1930–1931), останува без работа со семејството, прогонуван од властите и омразен од соидејниците. Во борбата за леб, се оддава на пишување поезија. Се вклучува во неформалниот Литературен кружок во Скопје (1931) и со Ч. Миндеровиќ во Скопје објавуваат заедничка стихозбирка „Документи“ (1932), па ја напечатува и поетската „репортажна поема“„Мата Теглач“ (1933). Повремено соработува во разни дневни и периодични публикации низ Југославија, но редовно отпуштан како „левичар“. Во сп. „Луч“ (1937-1938) објавува и 6 песни на македонски јазик, па и фрагменти од стихуваниот роман „Афион“. Пишува репортажи и патува по Балканот. Во 1938/39 г. ја напишува драмата „Земја“ на македонски јазик, но не успева ни да ја напечати ни да ја постави на сцената. Со новинарот Р. Гогиќ ја објавуваат книгата за прогонот на Евреите „Поданици ничије земље“ (1940), а во почетокот на 1941 г. излегува неговата обемна стихозбирка „Пиринчана поља“, во која е и посебниот циклус песни на македонски јазик „Печалбарска елегија. Одломци печалбарске елегије ,Ленуш‘“. По бугарската окупација на Македонија (1941) подолго време е безработен, па кратко време е дописник од Скопје на софиските весници „Заря“ и „Дšга“. Извесно време е соработник на окупаторскиот весник „Ц‹локупна БÍлгария“, но скоро е отпуштен и останува пак без работа и средства за живот. Продава лимонада по плажата на Вардар. Со посредство на К. Јосифовски, со ентузијазам се вклучува (заедно со 10-годишниот син) во шарскиот партизански одред (1943). Подозиран и оставен без оружје, Цеко го напушта одредот (октомври 1943). Фатен е од бугарската полиција и, по сите истезанија во Скопскиот истражен затвор, прави провала. Како интерниран во Баткунскиот манастир во Бугарија, ги напишува поемите „Л•мнали огнове“ (на бугарски) и „Огин и пламен“ со посвета „На Бане“ (на македонски јазик). Пуштен од интернацијата (10. Ⅵ 1944), во Скопје пак е без работа и со закани од партизанската војска за одмазда за предавство. Непосредно пред Ослободувањето на Скопје, самиот си го одзема животот. БИБ.: Документи (со Чедомир Миндеровиќ), Скопље, 1932; Мата Теглач, Скопље, 1933; Поданици ничије земље (со Радослав Гогиќ), Београд, 1940; Пиринчана поља, Скопље, 1941; Д-р Блаже Ристовски, Македонскиот стих 1900–1944. Истражувања и материјали, Скопје, 1980, 235–265; Земјата. Драма во три чина. Предговор, редакција и превод на ремарките д-р Блаже Ристовски, Скопје, 1996. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Прилог кон македонската литературна историја, „Современост“, ⅩⅣ, 6, 1964, 614–621; истиот, Портрети и процеси од македонската литературна и национална историја, Ⅱ, Скопје, 1989, 394–427. Бл. Р. Малина Стефанова Попиванова