ПОПИВАНОВА, Малина Стефанова

ПОПИВАНОВА, Малина Стефанова (псевд. Елена Николаевна-Галкина „Краснаја“) (Кочани, 7. Ⅳ 1902 – Тјумен, Русија, 19. Ⅶ 1954) – македонски и интернационален комунистички деец, ќерка на Стефан Попиванов. Завршила гимназија во Софија и студирала на Белградскиот универзитет, каде што била примена за член на КПЈ (крајот на 1920). Подоцна семејно се преселиле во Скопје (1921), каде што била избрана за член на МК на КПЈ и истовремено била секретар на Подружницата на трговските помошници, член, а потоа и секретар на Градскиот синдикален совет на Независните синдикати и активен член и библиотекар на КУД „Абрашевиќ“. Наскоро заминала во Москва (1924), каде што го завршила Свердловскиот универзитет, а потоа се вратила во Југославија (1928) како инструктор на Организационото биро на ЦК на КПЈ во Сплит и Загреб. Учествувала на Ⅳ конгрес на КПЈ во Дрезден (есента 1928), каде што била избрана за член на ЦК на КПЈ. Притоа, како професионален револуционер, ја раководела Комисијата за работа со мисиите во Југославија и Женската комисија на ЦК на КПЈ. Заради лекување (од ТБЦ), пак заминала во СССР (1929), каде што работела како предавач на КУНМЗ и раководител на Југословенскиот сектор. Вршела и други значајни должности во Москва и во други градови на СССР. Заедно со сопругот Владимир Сакун била опфатена во Сталиновите „чистки“ (1937) и две години поминала на заточение во Сибир, а потоа работела како предавач по историја во Педагошкото училиште во Тјумен. Во сите официјални документи секогаш се декларирала како Македонка. Посмртно е рехабилитирана. ЛИТ.: Саша Маркус, Која беше Малина „Краснаја“. Прилог кон една биографија (И и Ⅱ), „Комунист“, ЏЏЏИВ, 50 и 51, Скопје, 13 и 20. ⅩⅠⅠ 1976, 23; Кузман Георгиевски, Еден светол лик. Сеќавања на современиците за Малина Попиванова, „Гоцеви денови – Песна за Гоце“, Ⅶ, 7, Скопје, 7. Ⅱ 1981, 20–21; Кузман Георгиевски – Саша Маркус, Македонската револуционерка Малина Попиванова, Скопје, 1985. С. Мл.