ПИРУЗЕ-МАЈСКИ, Петре

ПИРУЗЕ-МАЈСКИ, Петре (Охрид, 5. Ⅴ 1907 – Охрид, 12. И 1980) – македонски револуционерен деец, активист на студентското и комунистичкото движење на Правниот факултет во Белград, организатор, борец и командант во НОБ. Адвокатски приправник во Охрид, член (1941) и прв секретар на КП во градот, организатор на ослободителното движење во Дебарца. Командант на Ⅱ оперативна зона и раководител на НОБ во Западниот дел на Македонија. Член на ГШ на НОВ и ПОМ и избран делегат на Ⅱ заседание на АВНОЈ; член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, делегат на Првото заседание и член на Президиумот на АСНОМ и прв повереник (министер) за правосудство на Македонија (1944–1945). Член на Комисијата за изработка на македонската азбука (1944). Носител на партизанска споменица 1941. По формирањето на Македонската влада, испратен за судија на Врховниот суд на Југославија во Белград (1946–1950), но обвинет за информбировски позиции, без судска одлука, е испратен на Голи Оток (1950–1954). Потоа наполно деградиран, работи како правник во Сојузната управа за ветеринарство во Белград и дури во 1970 г. е вратен во членство во КПМ. Политички дискредитиран, како пензионер умира во родниот град. ЛИТ.: Петре Пирузе-Мајски. Време, живот, дело (1907–1980), Скопје, 1997. Бл. Р.