ПИРИН

ПИРИН – висока планина во Пиринскиот дел на Македонија, Република Бугарија. Се протега во правец северозапад–југоисток, меѓу долините на реките Струма и Места и котлините по нив, со должина до 70 км, а средна широчина од 30–35 км. Припаѓа на Родопската маса, која претставува најстаро копно на Балканскиот Полуостров. Тектонските движења со кои била зафатена оваа планина условиле да биде издигната и раседната како типичен хорст. Со превалот Предел (1.140 м) и долината на Градевска Река, на север е одвоена од планината Рила, а со Парилскиот Превал
(1.170 м) и долините на реките Голешевска и Буровица на југ, е одвоена од планината Славјанка. Вкупната површина на Пирин е
1.210 км², а средната височина е
1.033 м. Геолошкиот состав е претставен со кристалести шкрилци, гнајс, мермери, гранити и др. Големите раседни линии од запад, исток и север ја ограничуваат нејзината периферија. Морфографски, Пирин се дели на три дела: Северен – висок, Среден и Јужен
– низок. По својот облик, Среден и Јужен Пирин многу личат еден на друг, така што во споредба со Северен Пирин постојат големи разлики. Северен Пирин се протега од превалот Предел (1.140 м) на север, до Тодорова Полјана
(1.883 м) на југ. Највисоките делови се варовнички. Во овој дел се издигаат највисоките и најпознатите врвови: Вихрен (2.914 м), највисок врв, Кутело (2.908 м), Бан-ски Суводол (2.884 м). Средниот Пирин на југ се протега до Попскиот Преслап. Ова е најмал дел по површина, а истовремено и понизок дел од Северен Пирин со највисок врв Орелјак (2.099 м). Јужен Пирин зафаќа поголема површина од Северен. Тој е најнизок, а највисок врв е Свешник
(1.975 м). Во плеистоценот високите делови на Северен Пирин (над 2.000 м) биле зафатени со глацијација, така што како последица има појава на глацијални облици: циркови, валови, морени и др. Во цирковите се формирани голем број глацијални езера. Особено се познати Бјандеришките и Влахинските езера, Василашките и др. Меѓу нив најголемо е Попово Езеро, а на најголема височина
(2.700 м) е Полежанското Езеро. Притоките на Струма и Места длабоко се всечени по планинските страни, при што им даваат ребрест изглед. Пиринските шуми, високопланинските пасишта и разновидните геоморфолошки облици претставуваат вистинска основа за развој на туризмот.
ЛИТ.: Динев Л, Мишев К., БÍлгари®, кратка географи®, „Наука и изкуство“, Д®ржавно издателство, Софи®, 1980.
Т. Анд. ПИРИНСКИ, Гео (Георги) – в.
Зајков, Георги Николов.

Напишете коментар