ПЕШЕВ, Панче Николов

ПЕШЕВ, Панче Николов (Велес, 5. Ⅶ 1915 – кај с. Кушкулија, на пл. Плачковица, 5. Ⅵ 1944) – композитор и хорски диригент, борец. Основно училиште и гимназија завршува во Куманово, каде што уште како ученик ја започнува револуционерната и музичката активност. П. го посветува својот живот на напредното работничко движење и на музиката. Учи виолина во Музичкото училиште „Мокрањац“ во Скопје, кај Тр. Прокопиев, како и теориски предмети во Музичкото училиште „Станковиќ“ во Белград. Часови по музика зема приватно кај Ј. Славенски и Ј. Арбатски. Учествувајќи во работничките аматерски оркестри и хорски друштва, се пројавува и како диригент на некои од тие колективи. Диригира и со хорот и оркестарот на Друштвото „Абрашевиќ“ во Куманово (1935-1936). По повод избувнувањето на шпанската граѓанска војна, ја компонира масовната песна Класје зелено на сопствен текст, повикувајќи ја младината во борба против фашизмот. Во текот на НОВ (1941-1944), неговите музички материјали се уништени од окупаторот. Не знаејќи дека се наоѓа во партизанските единици, оргуларот Арбатски, според постојните програми, ја извел и неговата „шеста соната за оргули“ на концертите во Прага (1942) и во Лајпциг (1943). До денес не е потврдено дали станува збор за вакво дело на нашиот музичар. П. е автор на најпопуларната македонска борбена песна од НОБ – „Маршот на Третата македонска ударна бригада“, на текст од Ацо шопов, борец на истата бригада. Бил борец на НОПО „Димитар Влахов“, на Кумановскиот НОПО и на Третата МНОУБ. Во Мајската (пролетна) офанзива (1944), при враќањето со Бригадата од Егејскиот дел на Македонија, загинал во судир со бугарската војска. ЛИТ.: Велес и Велешко во НОВ 1941–1945. Спомен книга, Т. Велес, 1985; Велешки партизански одред 1942, Скопје, 1999. Др. О. Маргарита Пешевска