ПЕЗА, Муртеза

ПЕЗА, Муртеза (Елбасан, Република Албанија, 20. Ⅵ 1919 – Риека, Хрватска, 4. 8. ⅩⅠⅠ 1981) – новинар, драмски писател, раскажувач и романсиер. Завршил учителска школа во Елбасан (Албанија), а потоа во Фиренца студирал филозофија и музика, но бил протеран, бидејќи не сакал да потпише верност кон кралот и не го прифатил предлогот да стане член на Мусолиниевата Фашистичка партија. Пристигнал во Гостивар (1941) и му пристапил на комунистичкото движење, занимавајќи се со агитационо-пропагандна дејност и испраќање вести за НОБ до Радио Москва, Радио Лондон и подоцна Радио Слободна Југославија. Извесно време бил вработен како претседател на Финансовата канцеларија во Кичево на квислиншкото Албанско Кралство (ок. 21. Ⅴ- 10. Ⅵ 1942), а потоа се вклучил во НОВ и ПОМ како политички комесар на чета, на баталјон, началник на Агит-проп и уредник на „Билтен“ на Седмата македонска шиптарска НО бригада (од пролетта 1943). Подоцна бил заменик началник на Политичкото одделение на Четириесет и втората (македонска) дивизија на НОВЈ. По Ослободувањето и демобилизирањето како резервен капетан на ЈНА бил назначен за уредник на емисиите на албански јазик на Радио Скопје (1946), а потоа цели 16 години бил директор и главен уредник на весникот „Флака е Вëллазëримит“ во Скопје со свои написи од разни области. Исто така бил директор и главен уредник на сп. „Јехона“, а потоа пак во Радио Скопје како одговорен уредник во секторот на Програмата на јазиците на народностите. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија (1957). Автор е на поголем број радио, ТВ и театарски драми и на сценариото за играниот филм „Ука од проклетие“. БИБ.: Мејтуша, Скопје, 1960 (роман); Во мојата улица, Скопје, 1963 (роман); Дали ќе се вратиш, Скопје, 1964 (раскази); Скалите на Кел, Скопје, 1964 (раскази). ЛИТ.: Умре Муртеза Пеза, „Нова Македонија“, ЏЏЏВИИИ, 12525, Скопје, 5. ⅩⅠⅠ 1981, 4; Кичево и Кичевско во НОВ 1942– 1945, Документи, Кичево, 1985, 64 и 71; д-р Марјан Димитријевски, Македонската војска 1944–1945, ИНИ, Скопје, 96. С. Мл.