ПЕДАГОШКО ДРУШТВО НА МАКЕДОНИЈА

ПЕДАГОШКО ДРУШТВО НА МАКЕДОНИЈА – прва научностручна асоцијација на педагозите и на други училишни работници во Македонија. Формирано (мај 1950) со цел да обработува прашања од училишната и воспитната дејност и да предлага мерки за нејзино унапредување; да ја популаризира педагошката теорија; да организира научни истражувања од областа на педагошката теорија и практика, како и да ја помага работата на просветните работници. Било организирано во пододбори и по секции за одделни дисциплини (секција за методика и дидактика и сл.). Го издавало списанието (в.) „Просветно дело“. Во 1975 г. се трансформира во (в.) Сојуз на педагошките друштва на Македонија. К. Камб.