ПЕДАГОШКИ ФАКУЛТЕТИ

ПЕДАГОШКИ ФАКУЛТЕТИ – високошколски установи за подготвување наставници за основното образование (одделенска настава) и воспитувачи за предучилишното воспитание. Настануваат од потребата да се подигне нивото и квалитетот на дотогашното образование на овие педагошки кадри. Педагошки факултети постојат во Скопје (Педагошки факултет „Св.Климент Охридски“), во Штип (Педагошки факултет „Гоце Гелчев“) и во Битола (до 2001 г. го носеше името Факултет за учители и воспитувачи), а се формирани со трансформација на дотогашните (в.) педагошки академии. Со работа започнуваат од учебната 1995/96 г. Во суштина, тие ја продолжуваат традицијата на (в.) учителските школи и на педагошките академии. Образованието трае 4 години, односно 8 семестри. На Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, воспитнообразовниот процес се изведува на македонски, на албански и на турски јазик. На сите три факултети студиите се организирани по ЕТКС. Наставните програми се структурирани од задолжителни, изборни и факултативни предмети. На Педагошкиот факултет во Битола, освен додипломски, се организирани и постдипломски студии во областа на методиките на одделенската настава и на методиките на предучилишното воспитание.
ЛИТ.: К. Камберски, Од буквар до универзитет, Скопје, 1994. К. Камб.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *