ПЕДАГОШКИ МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА

ПЕДАГОШКИ МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА – педагошка институција за прибирање и проучување на документација релевантна за историјата на образованието, просветата и педагогијата во Македонија. На основачкото собрание (1993) се усвоени конститутивните документи и е формиран Совет на Педагошкиот музеј. Советот разви широка активност за реализирање на основните задачи на Музејот: прибирање школска и просветна документација, проучување на педагошкото минато на Македонија преку организирање стручни и научни собири, посветени на одделни значајни настани или личности од историјата на дејноста. Организирани се над триесетина вакви собири, како и повеќе подвижни изложби и чествувања на истакнати педагошки дејци, заслужни за развојот и напредокот на македонското школство и просвета. Својата дејност Педагошкиот музеј ја остварува во рамките на Домот на просветните работници на Македонија и во соработка со соодветни институции. За прв претседател на Советот е избран проф. д-р Киро Камберски. К. Камб.