ПАУНОВСКА, Роса Петкова

ПАУНОВСКА, Роса Петкова (с. Кокино, Кумановско, 1875 – с. Кокино, 1971) – интерпретаторка на народни песни, ќерка на познатиот кокински војвода Петко, доселен од соседното с. Малотино. Не одела на училиште. Во својот живот никогаш не отпатувала подалеку од Куманово, каде што обично одела во пазарните денови. Во нејзиниот репертоар се наоѓаа околу 250 народни песни од нејзиниот крај. Магнетофонски записи од нејзиното пеење се депонирани во Архивата на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје, снимени од Симо Младеновски (1969). ЛИТ.: Симо Младеновски, Еден редок песнопоец, „Народно стваралаштво“, св. 41– 43, Београд, 1972, 243–248; истиот, Од народната ризница, „Беседа“, И, 2, Куманово, ноември 1972, 225–227; истиот, Народни песни од репертоарот на Роса Пауновска. „Беседа“, Ⅺ, 31–32, Куманово, ноември 1984, 61–67. С. Мл.