ПАНОСКА, Ружа

ПАНОСКА, Ружа (Дебар, 10. Ⅲ 1927) – лингвист, методичар, професор (во пензија) на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје (1954), а докторирала на Филолошкиот факултет во Скопје (1970) на тема „Јазикот на Владо Малески“. Била професор на Филозофскиот (Филолошкиот) факултет во Скопје по предметите методика на наставата по македонски јазик и морфологија на македонскиот јазик. Учествувала на разни меѓународни и домашни конгреси, симпозиуми и семинари. Била секретар на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, претседател на Советот на Семинарот, продекан на Филолошкиот факултет, член на Извршниот совет на Собранието на СРМ, претседател на Одборот за образование, наука и култура во Белград, долгогодишен член во редакцијата на сп. „Литературен збор“. Автор е на над 80 научни и стручни прилози, од кои 5 се монографски трудови. Проф. Паноска е еден од основоположниците на методиката на наставата по македонски јазик. БИБ.: Современ македонски јазик, Прв дел, Скопје, 1974; (со Александар Џукески) Македонски јазик за странци – почетен курс, Скопје, 1977; Методика на наставата по македонски јазик, Скопје, 1980; (со Александар Џукески и Максим Каранфиловски) Македонско-руски речник. Кон Прирачникот: Македонски јазик за странци – Почетен курс, Скопје, 1982; Современ македонски јазик, И–Ⅱ дел, Скопје, 1987. ЛИТ.: Годишен зборник на Филолошкиот факултет, Скопје, 1998; Људмил Спасов, Во чест на јубиларот на д-р Ружа Паноска, Лзб, бр. 1–6, Скопје, 1987; Радмила Угринова-Скаловска, Скица за портрет на Ружа Паноска, Лзб, бр. 1-6, Скопје, 1987. Г. Цв.