ПАНОВ, Митко

ПАНОВ, Митко (Скопје, 16. ⅩⅠⅠ 1927 – Скопје, 16. Ⅵ 2000) – географ. Основно и средно образование завршил во Скопје. Во 1948 г. се запишал на Катедрата за географија на Филозофскиот факултет и дипломирал во 1952 г. Две години бил професор во гимназијата во Прилеп, а во 1954 г. бил избран за асистент на Институтот по географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Тука во 1960 г. ја одбранил докторската дисертација „Сливот на Крива Лакавица и Отиња, антропогеографски и стопански проучувања“. Следната година бил избран за доцент, во 1966 г. за вонреден и во 1972 г. за редовен професор. Предавал антропогеографија и социјална географија. По овие предмети неколку години држел настава и на Природно-математичкиот факултет во Приштина, а на Вишата туристичкоугостителска школа во Охрид изведувал настава по туристичка географија. Бил декан на Географскиот факултет во Скопје, претседател на Географското друштво на Македонија, почесен член на Словенечкото и Српското географско друштво. Објавил повеќе од 200 научни труда, во кои главно се обработува географска проблематика поврзана со населението и населбите во РМ. БИБ.: Географија на СР Македонија, Природни и социогеографски карактеристики, кн. И, Скопје, 1976; Селата во Република Македонија, кн. И и Ⅱ, Скопје, 1993; Општините во Република Македонија, Скопје, 1997. ЛИТ.: Митко Панов, Природно-математички факултет 1946–1996, Скопје, 1996. Ал. Ст. Митко Панов