ПАНОВСКИ, Сократ

ПАНОВСКИ, Сократ (с. В’мбел, Костурско, 1936) – просветен деец, општественик, етнограф и публицист. На дванаесетгодишна возраст, како дете-бегалец од Граѓанската војна во Грција (1948), бил згрижен во детските домови Ваца де Жос, Арад и Тулгеш (Романија). Подоцна образованието го продолжил во училиштето за ученици во стопанството во П’лтиниш, во Гривица Рошие во Букурешт, а по завршувањето на Педагошката гимназија во Велинград (Бугарија) и курсот за учители за основните училишта, бил вратен за учител по македонски јазик на македонските деца во собирниот центар за емигранти од Грција во селото В’лчеле, околија Св. Ѓорѓи (Романија). Во 1957 г. бил репатриран во НРМ и тука го дооформил своето образование, дипломирајќи на Педагошката академија (Група биологија и хемија), а потоа и на Природно-математичкиот факултет во Скопје (Група биологија). Напоредно со вонредното студирање, работел како наставник, директор на основно училиште, началник за образование на Општината Чаир (Скопје), секретар на Секретаријатот за образование на град Скопје и како самостоен педагошки советник во Педагошкиот завод на Македонија. Како општественик, развил широка дејност во разни детски организации, посебно во организацијата на Фестивалот на детската песна „Златно славејче“, а бил и долгогодишен претседател на Хорот на просветните работници „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе учебници и други трудови од областа на образованието. Во последната деценија се пројавил и како истражувач и публицист за роднокрајното минато. БИБ.: В’мбел, Здружение на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Скопје, 2002. С. Мл. Трифун Пановски ПАНОВСКИ, Трифун Ѓорѓиев