ПАЗАРЕН НЕУСПЕХ

ПАЗАРЕН НЕУСПЕХ – домени на економската активност во кои пазарот не е во состојба да изврши рационална алокација (разместување) на ресурсите и да понуди соодветно решение на проблемите, поради што интервенцијата на државата (денес, во форма на државна, т.е. владина регулација) станува неизбежна. Практично, во овие домени пазарот не само што не ги разрешува туку, напротив, ги генерира проблемите. Така, на пример, загадувањето на човековата околина, како типичен домен на пазарен неуспех, настанува затоа што пазарот ги принудува фирмите да ги намалуваат трошоците на производство и да го максимизираат профитот, поради што овие избегнуваат да вградуваат филтри за пречистување на воздухот, или хемиски и биолошки да ги прочистуваат отпадните води. Во современата економска наука обично се говори за шест домени на пазарниот неуспех: нерамномерна и социјално неприфатлива распределба на доходот, јавни добра, екстерналии (негативни и позитивни), пазари со асиметрични информации, присуство на монополи и постоење на макроекономска нестабилност (висока инфлација, висока невработеност и сл.). Во РМ, гледано од микроекономски аспект, пазарниот неуспех особено беше изразен во два домена: негативни екстерналии, т.е. загадување на човековата околина (во значајна мера и како резултат на непочитувањето на постојната регулатива во оваа област) и присуство на монопол (типичен пример, иако не и единствен, се телекомуникациите, во кои државниот монопол беше заменет со приватен но без, притоа, претходно да се изврши дерегулација на секторот и да се воспостават нужните регулаторни институции). На макроекономски план, високата и перзистентна невработеност се јавува како ти-пичен домен на пазарен неуспех. Во транзициониот период, кај нас се воспоставени основните регулаторни институции (комисии, агенции и сл.), кои имаат задача да ги ублажуваат домените на пазарниот неуспех (в. државна, владина регулација на економските сектори). ЛИТ.: П. Самуелсон анд Њ. Нордхаус, Ецономицс, Еигхтеентх Едитион, МцГрањ-Хилл Интернатионал Едитион, 2005, 341-350; Ј. Стиглитз, Принципес д’ецономие модерне, 2è едитион, Де Боецк Университè, Парис – Бруџеллес, 2000, 359431; 455-467. Т. Ф. „Зелен пазар“ во Скопје