ОСМАНИ, Ферик Зихни

ОСМАНИ, Ферик Зихни (Ферик Зихни Османи) (с. Крани, Преспа, 18. ⅩⅠⅠ 1938) – албанолог, унив. професор. Основното образование го завршил во родното место, а Учителската школа и Вишата педагошка школа во Скопје (1962). Подоцна дипломирал и на Групата за албански јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Приштина. Работел како професор по албански јазик во Гимназијата „Зеф Љуш Марку“ во Скопје. Во учебната 1975/76 г. бил избран за предавач по предметите Синтакса на албанскиот јазик и Албански јазик со култура на говорот на ПА „Климент Охридски“ во Скопје. Магистрирал на Филозофскиот факултет во Приштина (1979) на тема „Говорот на Албанците во Преспа“. Докторирал во 1984 г. на тема „Говорот на Албанците во Битола и Битолско“. Во 1995 г. бил избран за доцент по предметот Современ албански јазик -Синтакса на албанскиот јазик на Катедрата за албански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на неколку учебници по граматика на албанскиот јазик. Преведува од албански на македонски јазик и обратно. БИБ.: Вокалниот систем на говорот на Албанците од Преспа, Приштина, 1981; Глаголскиот систем на говорот на Албанците во Преспа, „Јехона“,4, Скопје, 1995; Говорот на Албанците во Преспа, Скопје, 1996 ; Адмиративот во балкански контекст, „Јехона“,4-5, Скопје, 1997 ; Говорот на Албанците во Битола и Битолско, Скопје, 1998 ; Развојот на образованието кај Албанците од Преспа, Скопје, 2000. А. П. Димитрие Османли