ОРОВЧАНЕЦ, Никола Алексов

ОРОВЧАНЕЦ, Никола Алексов (псевд. Сандански, Пантиќ) (Велес, 25. Ⅶ 1905 – Москва, 1938) – комунистички деец. Во 1923 г. бил примен во КПЈ, а во 1925 и во КП на СССР. Студирал на Комунистичкиот универзитет во Москва. Во 1934 г. како инструктор на КПЈ, работел на обновување и зацврстување на македонската партиска организација и го формирал Обласниот комитет. Со К. Рацин го покренал партискиот орган „Искра“. Поради провала, се вратил во Москва. Бил жртва на сталинистичките чистки, а во 1963 г. посмртно бил рехабилитиран. ЛИТ.: Извори за историјата на СКМ. Документи и материјали 1921–1941, И, 2. Редакција, превод и коментари Иван Катарџиев, Скопје, 1985. О. Ив.