ОРЛАНДИЌ, Блажо

ОРЛАНДИЌ, Блажо (с. Сеоци, Барско, Црна Гора, 1914 – Млиниште, БиХ, почеток на 1943) – студент на Филозофскиот факултет во Скопје и комунистички деец, Црногорец. Како осмокласник станал член на КПЈ и се приклучил кон Скопската организација на КПЈ. Во својство на инструктор на ЦК на КПЈ, ја формирал првата Организација на КПЈ на Филозофскиот факултет во Скопје (октомври 1935), поради што Блажо Орландиќ бил уапсен и осуден на една година затвор во Сремска Митровица. По излегувањето на слобода продолжил да студира во Белград. Во својство на полномошник на ЦК на КПЈ пак бил испратен во Скопје за разбивање на фракциските групи и за формирање на но-ви организации на КПЈ во Македонија. Непосредно поврзан со Светозар Вукмановиќ-Темпо, одиграл значајна улога во уништувањето на скопската фракција на приврзаниците на Петко Миле-тиќ (1938). Бил член на ПК на КПЈ за Македонија до Априлската војна (1941), а потоа станал член на Воениот комитет и организатор на оруженото востание во Црна Гора, како политички комесар на поголема партизанска група (во почетокот на 1942), во Четвртата НО пролетерска бригада, инструктор на ЦК на КПЈ, политички комесар на Купрешкиот НОПО и заменик политички комесар на Деветтата краишка НО бригада (1943). Бил ранет и упатен на лекување во Централната партизанска болница во Др-вар, но колоната ранети била пресретната од германски и четнички сили и по кратка борба сите ранети биле убиени. Прогласен е за народен херој на Југославија (15. Ⅶ 1949). ЛИТ.: Антон Колендиќ, Тој живееше и работеше за народот и партијата, „13 Ноември“, Ⅲ, 3, Скопје, 1964, 16; Боро Кралевски, Беа, загинаа, останаа, Скопје, 1969, 292; Панче Кировски, Префрлањето на Блажо Орландиќ, член на ПК на КПЈ за Македонија од Тетово за Скопје во 1941 година, Тетово и Тетовско во НОВ 1941-1945, кн. прва, Тетово, 1991, 195-196. С. Мл.