ОПШТЕСТВЕНАТА СОПСТВЕНОСТ ВО ДФМ/НРМ/СРМ/РМ

ОПШТЕСТВЕНАТА СОПСТВЕНОСТ ВО ДФМ/НРМ/СРМ/РМ – општествено-економски однос меѓу луѓето во производството и расподелбата на новосоздадената вредност. Се воведува со Законот за работничкото самоуправување од 1950 г. и постои како владеачки однос до донесувањето на Уставот на РМ од 1991 г. Општествената сопственост е процес на поопштествување на средствата за производство, со учество на самите непосредни производители во тој процес. Таа е облик за демонополизација на економската и политичката власт на државните органи, преку развојот на работничкото самоуправување во фабриките. Општествената сопственост ги опфаќаше: сите средства за производство (освен земјиштето и средствата што служеле за личен труд на граѓаните); сите средства во претпријатијата, државните органи и други организации; сите рудни и други природни богатства во општеството. Таа беше основата на која се развиваше работничкото самоуправување во претпријатијата (1950– 1990). Уставот на РМ од 1991 г. не ја познава општествената сопственост. Оставена во правен вакуум, општествената сопственост остана без правна заштита. Овој вакуум имаше негативен одраз врз ефектите на приватизацијата на општествената сопственост и нејзината трансформација во државна сопственост (1991–2006). ЛИТ.: Трајко Славевски, Приватизација, пазар, држава, Скопје, 1997; Светомир шкариќ, Македонија на сите континенти, Скопје, 2000. Св. ш.