ОКУЏАВА

ОКУЏАВА (Окуджава), Булат (Москва, 9. Ⅴ 1924 – Кламарт, 12. Ⅵ 1997) – истакнат руски поет и кант-автор. Голем дел од своите песни сам ги компонирал и постигнал голем успех во поранешниот Советски Сојуз. Поетскиот стил му е камерен и лирски. Неговата збирка Биди здрав, ученику (1961), ја третира темата за учеството на младите луѓе во Татковинската војна против фашизмот и е преведена на повеќе јазици. Напишал прозни и драмски дела како и филмски сценарија. Во 1967 г. го добил Златниот венец на СВП. ЛИТ.: Љ. Стојменски, Поезијата на Окуџава, „Оловното војниче“, Ск., 1970. П. Гил.