НИЧОТА, Никола Стериев

НИЧОТА, Никола Стериев(ич) (Смедерево, 29. И 1880 – Смедеревска Паланка, 11. Ⅵ 1950) – членосновач и активист на МНЛД во С.-Петербург и Москва. Син на крушевски печалбари во Смедерево што скоро по неговото раѓање се преселуваат во Солун, каде што тој го завршува основното, а во Српската гимназија во Цариград средното образование. По првата година на Правниот факултет во Белград (1901/02), кога почнува хајката против „македонскиот национален сепаратизам“ и се забранува „Балкански гласник“, Н. ја напушта Србија и се префрла на С.-Петербуршкиот универзитет (8. Х 1902). По 20 дена, како „студент по природните науки“, е потписник на основачкиот акт на МНЛД во С.-Петербург. Поради немање средства за плаќање на школарината, тој е „ослободен од Универзитетот“ (28. Ⅴ 1903). Живее во Словенскиот дом на СПБСБД (15. Х 1903) и учествува на предавањата на Мисирков и во подготовката на Уставот на Другарството. По многу молби, добива стипендија од руското МНР и е запишан на Медицинскиот факултет на Московскиот универзитет (18. Ⅺ 1903). Од Москва доаѓа во С.-Петербург и како емисар на Другарството се среќава со австроунгарскиот амбасадор, а заедно со Ф. Николов(ски) патуваат по Македонија во врска со подготовките за отворање македонски училишта. Се допишува со претседателот на МНЛД Д. Чуповски за формирање другарство и во Москва. Мисирков од Бердјанск (20. Ⅵ 1904) пишува: „Ничота ми соопшти од Петроград дека се поврзал со Австриската амбасада во Петроград. Лично амбасадорот гледал со големи симпатии на нашиот план за разрешување на македонското прашање и во таа смисла £ пишал на својата Влада, од којашто чекал одговор. Ако ја придобиеме Владата на Австро-Унгарија, како што има изгледи да ја имаме Русија, тогаш лесно ќе ја постигнеме целта“. Како медицинар е ангажиран во Руско-јапонската војна (1905) за сузбивање на пегавиот тифус на фронтот. По дипломирањето (1909), бидејќи нема право да остане во Русија, се враќа на Балканот. По женидбата во Белград (1910), работи како лекар во српската провинција. Мобилизиран (1915), ја преживува голготата на српската војска преку Албанија и преку Крф и Солун стигнува во Женева (1917). По враќањето (1919) службува во разни места по Србија и Црна Гора и се стационира во Смедеревска Паланка, каде што, сметан како „болшевик“, тешко ја преживува германската окупација. ДЕЛ: Речник француских неправиљних и непотпуних глагола, Београд, 1931. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Димитрија Чуповски (1878–1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград, И, 1978, 152–157. Бл. Р. Планината Ниџе