НИКОЛОВСКИ, Михајло

НИКОЛОВСКИ, Михајло (Битола, 28. Ⅸ 1934 – Скопје, 20. Ⅷ 1994) – композитор. Музичкото образование го започнува во родниот град, а го продолжува во Скопје. Дипломира на Наставнотеорискиот оддел на Музичката академија во Белград (1960), а во времето на студиите приватно учи композиција кај М. Раденковиќ. По дипломирањето, е директор на Средното музичко училиште во Битола и диригент на хорот „Стив Наумов“. Од 1971 г. е музички уредник во Радио Скопје, а наскоро професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје (до крајот на животот). Бил декан на истата институција. Неговиот опус бележи дела од речиси сите музички родови, меѓу кои се истакнуваат циклусот „Записи“, за висок глас и гудачки оркестар (1975), и кантатата „Македонија“, за низок глас, рецитатор, мешан хор и гудачки оркестар (1984). Б. Орт.