НЕСТОР, Нико

НЕСТОР, Нико (Струга, 19. Ⅵ 1934) – пливачки маратонец. Завршил Виша школа за надворешна трговија во Белград (1962). Бил член на ПВК „Охридски бранови“ во Охрид. На републичките првенства во пливање освоил 14 први места и поставил неколку републички рекорди (1948–1967). Се истакнал во пливање на долги патеки на Охридското Езеро (1954–1959) и го препливал езерото од Св. Наум до Струга за 11 часа и 28 минути (1958). Го препливал каналот Ла Манш за 12 часа и 6 минути (1959). Тој е учесник на меѓународни маратонски натпревари во земјата и во странство. Бил избран за најдобар спортист на Македонија (1959).
ЛИТ.: Александар Радич, 50 години Охридски бранови, Охрид, 1982; Истиот, Македонски делфини, Охрид, 2002. Д. С.