НЕПАРАЗИТСКИ БОЛЕСТИ КАЈ РАСТЕНИЈАТА

НЕПАРАЗИТСКИ БОЛЕСТИ КАЈ РАСТЕНИЈАТА – болести што се предизвикани од: климатски (недостиг на светлина, екстремни температури, радијација, неповолна влажност итн.) и едафски фактори (недостиг или вишок на минерални состојки, киселост, водно-воздушен режим на почвата и др.), како и од хемизам на околината (прекумерно загадување на воздухот, на водата и на почвата). Овие болести се неинфективни, обично се нарекуваат нарушувања, што значи не можат да се пренесуваат на други локалитети. Иако можат да предизвикаат и угинување на растенијата, сепак тие се главно агенси што ги кондиционираат растенијата за појава на други биотски штетни агенси, создавајќи предиспозиција и за појава на инфекции од патогени организми. Ст. Н.