НЕКРСТЕНИ ДЕНОВИ

НЕКРСТЕНИ ДЕНОВИ – календарски период во христијанската религија, од Божик до Водици. Познати се и како Погани или Ристосови денови. Иако Исус Христос е крстен на триесетгодишна возраст, во народното верување периодот од раѓањето до крштевањето се смета за опасен период за животот и здравјето, не само на детето, туку и на мајката. Затоа периодот од раѓањето до крштевањето на Исус се смета за период опасен за луѓето, време кога се во движење разни „нечисти“ сили и кога починатите се во близина на своите домови. Тие денови се карактеризираат со религиозен страв и разни магиски заштити. Заради заштита, не се работат некои потешки работи, а се изведуваат разни дејства за бркање на демоните и болестите, како што се бабарските и русалиските обичаи. Со крштевањето (осветувањето) на водата на Водици се верува дека се парализирани нивните активности. Очигледно е дека се работи за претхристијански обичаи и верувања. ЛИТ.: Вера Кличкова, Божиќни обичаи во Скопската Котлина, „Гласник на Етнолошкиот музеј“, 1, Скопје, 1960; Кирил Пенушлиски, Одбрани фолклористички трудови, 2, Скопје 1988; Марко Китевски, Македонски празници, Скопје, 2000. М. Кит.