НЕГОРСКА БАЊА

НЕГОРСКА БАЊА – минерална бања во подножјето на планината Кожуф, 4 км северно од Гевгелија, во близина на с. Негорци. Бањскиот комплекс опфаќа добро уредена површина од 25 ха, а сместувачките капацитети се наоѓаат на надморска височина од 60 м. Теренот е изграден од дијабази покриени со алувијални седименти. Изворот на Ладна Бања дава 0,35 л/сец и има температура од 36°Ц, Топла Бања 0,35 л/сец и температура од 39,9°Ц, додека Новата Каптажа дава 100 л/сец и е со температура од 50°Ц. Водата е од натриумско-сулфатен и магнезиумско-сулфатен тип. Содржи калциум, магнезиум, натриум и калиум, потоа сулфати, хлориди и хидрокарбонати, колоидно растворени оксиди и растворени гасови на сулфурводород. Лекува ревматични, невролошки и гинеколошки заболувања, болести на мочните патишта и простатата, воспаленија на хранопроводниот и васкуларниот систем и др. Единствено во Македонија во Н. Б. за лекување се користи и природна термоминерална кал. Првите базени за капење се изградени во 1903 г. Денеска бањата располага со сместувачки капацитет од 350 легла распоредени во вили (10), павилјони и современ хотел со 112 кревети.
ЛИТ.: Александар Стојмилов, Негорска Бања, „Географски разгледи“, кн. 15–16, Скопје, 1978. Ал. Ст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *