НАУМ, митрополит

НАУМ, митрополит (Томо Димовски, с. Бистрица, Битолско, 1906 – Штип, 27. Ⅺ 1977) – втор владика Македонец, хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Завршил Богословија (1930), примил свештенички чин и служел во с. Козица (Кичевско) и во Битола, каде што бил и вероучител. Кратко време бил архијерејски намесник и заменик. По Ослободувањето активно е ангажиран во организирањето на самостојниот црковен живот. Бил еден од првите членови на Иницијативниот одбор за организирање на Македонската православна црква. На Црковно-народниот собор во Охрид (1958) бил избран за архијереј. По неговиот избор и хиротонија од тогашниот блаженејши архиепископ Доситеј и Преспанско–битолскиот епископ Климент, бил архијереј на Злетовско–струмичката епархија. Во 1960 г. бил во Австралија, а повеќепати ги посетувал македонските цркви во Америка и во Канада. ЛИТ.: Доне Илиевски, Македонското православно свештенство во борба за национална и црковна слобода, Скопје, 1987; истиот, Автокефалноста на Македонската православна црква, Скопје, 1972; истиот, Архиепископ Охридски и Македонски Доситеј, Скопје, 1995. Рат. Гр.