НАРОДНИ ОРА

НАРОДНИ ОРА – македонска орска традиција создавана и практикувана низ повеќевековни периоди во минатото. Во ⅩⅠⅩ в. започнал поинтензивниот развој на градската народна култура, а во нејзините рамки и на градската орска традиција, која на традиционален начин се создавала сè до педесеттите години на минатиот век, кога почнало создавањето на кореографии од автори-поедин
ци. Според тоа, на првиот период му припаѓала селската орска практика, типична за животот во селските средини. Ората од овие два периода биле создавани во различни услови и начин на живеење и се разликуваат како според функцијата исто така и според стилските карактеристики и севкупните естетски особености. За разлика од градските, селските ора стриктно се поделени на машки и женски, а добар дел од нив се непосредно поврзани со обредите (русалиски, свадбарски и сл.). Како целина, пак, сите селски ора ги карактеризираат ограниченоста и еднообразноста на изразните елементи, едноставноста на мотивите и кореографските содржини. Исто така, инструменталната придружба, како неразделен дел од изведбите на селските ора, е едноставна и со ограничени можности, бидејќи тие не биле придружувани од оркестри, туку најчесто од еден инструмент – гајда, шупелка, дудуче, гусле и сл. За карактеристиките на градскиот ор-ски фолклор во Македонија, пак, пресудна улога одиграле дијаметрално изменетите услови на живеење во градските средини, а пред с¢ развиените и интензивни комуникации, каде што покрај меѓусебните влијанија во рамките на мултинационалниот соживот, со својата местоположба Македонија се нашла во центарот на двете големи влијанија од правецот на Западна Европа кон Истокот и обратно. Оттаму произлегла големата разновидност, високиот естетски дострел и богатството кај македонските градски ора што се прославија надалеку во светот. Во изменетото градско однесување беше надмината поделеноста на машки и женски ора, а еден дел од нив се играа и во мешан состав. Но и покрај тоа, тие го задржаа континуитетот со основните особености на селските ора (играњето во полукруг, со изразити функции на ороводецот и опашкарот). Од друга страна, потпомогнати од влијанијата на туѓите орски традиции, во најголема мера од турските ора, македонските машки градски ора забележително ја развија кореографската форма и содржина преку контрастни промени на темпото и ритамот, но и со многу други елементи како потскоци, доскоци, вртења, клекнувања и сл. Освен тие високи дострели на кореографските содржини на градските ора, значителен естетски придонес имало и високото ниво на инструменталните мелодии изведувани од разновидни оркестарски состави од фабрички произведени инструменти, кои на пластичен начин го дополнувале впечатокот за големата и неповторлива убавина на тие орско-музички изведби. Ѓ. М. Ѓ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *