НАРОДНА БОРБА

„НАРОДНА БОРБА“ (с. Зборско, на пл. Кожув и во Тиквешијата, декември 1943 – јуни 1944) – весник, орган на Втората македонска НОУБ. Излегувал еднаш месечно, во тираж од 250–300 примероци. Го уредувала Агитационо-пропагандната комисија при штабот на бригадата. Објавени се вкупно седум броја. Во уводникот кон првиот број се наведува дека „печатот, заедно со пушката и митралезот, е оружје во рацете на Народноослободителната борба“. Како автори се јавуваат Василка (Васка) Дуганова, Лазар Мојсов, Наум Наумовски-Борче, Киро Хаџивасилев и Мито Хаџивасилев-Јасмин и др. ЛИТ.: Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 440–442; Д-р Боро Мокров – М-р Томе Груевски, Преглед на македонскиот печат (1885–1992), Скопје, 1993, 140. С. Мл.