НАРОДНА БАНКА НА РМ

НАРОДНА БАНКА НА РМ – централна, емисиона банка на РМ. Формирана е на 19. Ⅹ 1946 г., со спојување на Македонската стопанска банка со Народната банка – филијала Скопје, а прв главен директор е д-р Тодор Мировски (1904–1959). Од почетокот на 1947 г. го носи називот НБ на ФНРЈ – Централа за Народна Република Македонија, со Александар Богоев (1914) како главен директор. Низ својот развој, НБ на РМ поминува низ неколку фази. Меѓу 1947 и 1953 г. НБ на ФНРЈ – Централа за НРМ е единствената универзална банкарска институција во Македонија, со функции на емисиона и на деловна банка. Во овој период таа остварува централнобанкарски активности, работи за републичкиот буџет, а извршува и универзални банкарски работи. Во периодот 1954–1965 г. постепено ги напушта универзалните банкарски работи и се насочува кон централнобанкарските активности и кон регулирањето и контролата на банкарскиот систем. Исто така, во овој период таа ги губи филијалите и го менува називот во Народна банка на Југославија – Централа во Скопје. Во текот на 1965–1971 г. централата на НБЈ во Скопје нема посебна улога во монетарно-кредитната политика, туку врши само работи што имаат извршен и оперативен карактер. Во декември 1971 г. е донесен првиот Закон за Народна банка на Македонија, со кој таа е дефинирана како уставна категорија, а за прв гувернер е именуван Стојан ќосев (1919– 1997). Сепак, НБМ и понатаму има многу ограничена улога во утврдувањето на целите на монетарно-кредитната улога и употребата на инструментите за нејзиното спроведување и ваквата подредена положба се задржува сè до осамостојувањето на Македонија. Со донесувањето на Уставот на РМ од ноември 1991 г. НБМ е институционализирана како емисиона банка, одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и општата ликвидност на плаќањата. На 26. Ⅳ 1992 г. Собранието носи Закон за Народната банка на РМ, како прв законски акт со кој се уредува работењето на централната банка по осамостојувањето на земјата. Во овој период, функцијата гувернер ја извршува м-р Борко Станоевски (1937). Најголем пресврт во развојот на централната банка по монетарното осамостојување е направен со донесувањето на новиот Закон за НБ на РМ од јануари 2002 г., со кој во голема мера се зголемени сите аспекти на независноста во работењето на НБ на РМ (институционална, персонална, функционална, финансиска). Денес, НБ на РМ е модерна централна банка, која не работи со нефинансиски правни лица, не го финансира јавниот сектор и самостојно ја формулира и ја остварува монетарната политика, при што како основна цел се јавува одржувањето на ценовната стабилност. Исто така, НБ на РМ е членка на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во Базел. НБ на РМ извршува повеќе основни функции: ги утврдува и ги спроведува монетарната политика и политиката на девизниот курс на денарот; издава и дистрибуира ковани и книжни пари; управува и ракува со девизните резерви; издава дозволи за основање и работа на банки, штедилници, менувачници и вршители на услуги за брз трансфер на пари и го контролира нивното работење; го уредува платниот систем; собира, обработува, анализира и објавува информации и публикации од областа на монетарната, финансиската и платнобилансната статистика; врши платен промет за потребите на државата; ја претставува Македонија во меѓународните финансиски институции; работи како чувар на имотот на приватните пензиски фондови итн. Исто така, НБ на РМ одржу-Зборникот на трудови ва драгоце„Монетите и монетоковниците на нумизмаво Македонија“ (2001) тичка збирка од околу 17.000 монети од територијата на Македонија, кои го покриваат временскиот период од Ⅵ век пр. н.е. па сè до ⅩⅤ век. Органи на НБ на РМ се Советот и гувернерот. Членови на Советот на НБ на РМ се гувернерот, двајца вицегувернери и шест надворешни членови. Гувернерот и надворешните членови на Советот се наименуваат од Собранието, по предлог од претседателот на државата, а вицегувернерите ги именува Собранието по предлог од гувернерот, при што сите имаат мандат од седум години. ЛИТ.: Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006. Г. П.